Unofficial translation by Google:
Колку пати е видена оваа страна:
Вкупно: 1058  |   Денес: 1

Share

Моментално на страната:
Online: 1 корисник

Пријатели

 

Интервју за супер радио на дир. на ЈП Билјанини Извори, Ристе Мишев

Напишано од Иван Цветкоски (ivan) на 17 Mar 2014
Вести >>

Супер радио: Ви претстои најмасовната спортска манифестација во Македонија „Гимназијадата“. Охрид првпат е домаќин на ваков тип на настани. Како течат подготовките во СРЦ „Билјанини Извори“?

Мишев: На почеток само да појаснам дека организацијата на „Гимназијадата“ е на Федерацијата на училишен спорт и Сојузот на училишен спорт од Охрид, а настанот е под покровителство на Министерството за образование, Локалната самоуправа Охрид и Агенцијата за млади и спорт. За нас како претрпијатие, кое стопанисува со СРЦ „Билјанини Извори“ каде ќе се одржуваат дел од активностите, е од особена важност тоа што Охрид успеа во конкуренција на неколку градови да ја добие „Гимназијадата“, имено станува збор за најмасовниот спортски настан во Македонија кој за прв пат се одржува во Охрид. Подготовките за што подобро да се претставиме пред македонската јавност се започнати уште со изготвувањето на планот за работа на претпријатието и јас сум убеден дека во Охрид ќе ја имаме најдобрата организирана Гимназијада, на задоволство на сите учесници и на задоволство на сите нас, зашто Охрид го заслужува само најдоброто.

Супер радио: Спортската арена „Билјанини Извори“ ќе биде домаќин на Светското ракометно првенство за кадети - жени кое ќе се одржи од 19-ти јули до втори август годинава. Неодамна имавте и посета од претставници на Ракометната федерација на Македонија. Што покажа нивната инспекција. Дали Охрид е подготвен за првенството?

Мишев: Да, Охрид не само што е подготвен, туку Охрид може и да помогне во што подобрата организација и промоција на спортска Македонија пред светската ракометна јавност. Како што напоменавте ние во изминатиот период имавме две посети на претставниците на Ракометната федерација, за време на истите разговаравме за се она што треба да го направиме и обезбедиме и ние веќе работиме во таа насока и јас верувам дека за многу брзо и официјално ќе може да изјавиме дека сме спремни да ја отвориме вратата за најдобрите светски ракометарки - кадети. Овој спортски настан е од особена важност за градот Охрид и за нас како претпријатие и ние ќе направиме се за што подобро да го презентираме нашиот град се со цел и во иднина да успееме да обезбедиме големи спортски настани затоа што Охрид тоа и го заслужува.

Супер радио: Во тек се градежните активности за оформување на помошно фудбалско игралиште со вештачка трева. Кога охриѓани ќе го добијат ова игралиште на вештачка трева?

Мишев: За мене како директор, за сите вработени во ЈП „Билјанини Извори“ од особена важност е реализацијата на овој спортски инфраструктурен проект. Охрид и СРЦ „Билјанини Извори“ се дел од 10-те градови во Македонија каде ќе се реализира овој проект, така што станува збор за првата фудбалска инвестиција која ќе се реализира во Охрид после многу години. Убеден сум дека реализацијата на овој проект ќе биде на големо задоволство прво на најмладите фудбалерчиња, на сите фудбалски екипи, секако и на туристичките работници кои сега ќе можат посериозно, заедно со нас, да го промовираат спортски Охрид се со цел развој на спортскиот туризам од кој што сите ние ќе имаме бенефит. На крај би сакал јавно да им изразам благодарност на Фудбалската федерација на Македонија за донацијата на вештачката трева и на Локалната самоуправа Охрид за изградбата на подземната инфраструктура и за се она што го прават се со цел ние како СРЦ „Билјанини Извори“ да го добијаме првото фудбалско игралиште со вештачка трева.

Супер радио: Кои се плановите за привлекување на младите да бидат активни на СРЦ и да се занимаваат со спорт?

Мишев: Прво, за да имате што да понудите на младите треба да имате инфраструктура, инфраструктура која ќе им биде од интерес на младите. Ние имајќи го тоа во предвид сериозно се насочивме во анализирањето на потребите на младите за во иднина да понудиме содржини кои ќе ги испровоцираат младите што повеќе да се занимаваат со спорт. Реализацијата на капиталните проекти како затворениот базен, фудбалското игралиште со вештачка трева, изработката на идејниот план за СРЦ „Билјанини Извори“ каде ќе се вметнат многу спортски содржини за младите, на дело ќе овозможат младите да го најдат својот спортски интерес и се повеќе да ги користат нашите услуги.Второ, ние и со постоечката инфраструктура се обидуваме во рамките на нашите можности да реализираме содржини кои се од интерес на младите. Ако се сеќавате почнавме со реализацијата на спортско лето каде понудивме многу содржини посебно за најмладите, продолживме со низата на турнири од сите спортови кои ги организизравме само за младите за да завршиме со новогодинешниот концерт на кој учествуваа преку 500 дечиња од градинките на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. Во претстојниот период, а особено за време на летото нинже овој тренд ќе го продолжиме и ќе го збогатиме со нови спортско музички содржини верувам на општо задоволство на младата популација.

Супер радио: Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ успешно се справи и со големиот концерт на популарниот Жељко Јоксимовиќ што го организира општината за празникот Водици. Има ли најава за следен настан од ваков тип?

Мишев: Успешноста во реализацијата на големиот концерт на Жељко Јоксимовиќ мене како директор ми покажа, за што јас искрено верував, дека ние како претпријатие имаме капацитет како инфраструктурен така и организациски, да реализираме вакви и поголеми музички настани на задоволство на сите охриѓани. Се разбира Охрид е најатрактивен за музичката индустрија во текот на летото, градскиот стадион со својот капацитет е многу привлечен за организирање на големи музички спектакли така што ние уште сега сме во преговараме со повеќе продукциски куќи и сме максимално ангажирани ова лето охриѓани и градскиот стадион „Билјанини Извори“ да бидат домаќини на  големи балкански и светски музички ѕвезди. Од самото доаѓање на градоначалникот Бакрачески, Локалната самоуправа го препозна интересот за развој на музичкиот туризам кој е на општо добро за сите нас и јас сум убеден дека и во наредните години Охрид ќе е сведок на многу музички настани, настани кои ќе го постават Охрид на светската музичка мапа.

 Супер радио: Голем прав се крена свовремено околу паркинзите. Гледаме дека полека се средуваат работите и на тоа поле. Летото ќе дојде бргу, ќе има ли измени на овој план и како според вас се покажа целиот проект со паркинзите?

Мишев: Да, во минатото се крена многу голем прав околу паркинзите и тоа е разбирливо со оглед дека се работи за многу битен дел од животот на охриѓани секако битен и во делот на развојот на туризмот во Охрид и неговата промоција. Јас би сакал да потсетам дека благодарение на Локалната самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески многу брзо после превземањето на функцијата со храбра правно издржана одлука се раскинаа штетните договори со минатиот закупец со што се отворија можностите ЈП „Билјанини Извори“ повторно да стопанисува со јавните паркинзи за што впрочем и е формирано. Доколку тоа не се случеше, имајќи ги финансиските показатели, во голема мера ќе беше во прашање понатамошниот опстанокот на претпријатието а со тоа и опстанокот на 70 фамилии. Немам намера да ги коментирам минатите одлуки, но како директор навистина мора да потсетам дека во услови на тешка финансиска состојба на претпријатието  ти да се откажиш од основните приходи кои значат живот за претпријатието, знаејќи дека работењето со паркинзите го надополнуваа нерентабилното работење на СРЦ „Билјанини Извори“ со единствена цел да ги полниш приватните џепови на  минатиот закупец е несватливо и недозволиво. Ние од самиот старт при преземањето на паркинзите покажавме на дело како се штити интересот на граѓаните на Охрид, интересот на претпријатието а со тоа и на вработените. Со измените на цените на паркирањето ние од 50 денари на час ги намаливме на сегашните 30 денари за првиот час во строг центар и 20 денари за останатиот дел од градот и со тоа покажавме кој е интересот на претпријатието, користењето на паркинзите да биде достапно за секого. Би сакал да потенцирам дека сега граѓаните знаат каде оди секој денар од наплатениот паркинг, оди повторно во нивниот интерес, во интерес на нашите деца, со оглед дека секој денар значи подобра спортска инфраструктира, значи повеќе спортско-културни настани, значи поубав Охрид.

Супер радио: Наследивте неисплатени плати на вработените во јавното претпријатие и долгови. Како се справувате со проблемите кои ги наследивте?

Мишев: Да, наследивме многу долгови по неколку основи и верувајте за едно претпријатие како ЈП „Билјанини Извори“ со ваква поставеност не е ни малку лесна нивната санација, се разбира со цел да дојдиме до позитивна нула, за да дојдеме до самостојно сервисирање на нашите тековни обврски. За тоа треба време и посветен ангажман како од мене така и од целиот менаџментот на претпријатието и верувајте заедно со Локалната самоуправа максимално сме ангажирани во таа насока. Јас ги разбирам барањата на вработените, впрочем и јас сум дел од нив, ги разбирам барањата и на сите субјекти на кои ЈП „Билјанини Извори“ им должи, и знам дека времето е фактор во нашите односи но навистина се обидувам да ги средиме и решиме наталожените проблеми. Би сакал да потсетам дека од доаѓањето на новата локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ЈП „Билјанини Извори“ исплаќа по една плата месечно за вработените, можеби тоа не е доволно за да се стигнат заостанатите плати но сепак е добра основа за во наредниот период и посериозно да ги сервисираме долговите спрема вработените кои беа направени поради лошите менаџерски одлуки и политики на претходната политичка гарнитура.

Супер радио: Како изгледа СРЦ „Билјанини Извори“ во Вашата визија. Што ќе направите за Охрид да добие современ спортски центар?

Мишев: СРЦ „Билјанини Извори“ има капацитет да претендира да постане балкански спортски центар, центар каде ќе се одржуваат големи спортски настани, центар каде ќе се подготвуваат многу спортски екипи и репрезентации, центар каде ќе се случуваат големи музички настани, центар каде многу деца ќе ги направат првите чекори во некој од спортовите, центар каде ќе ги добијаме нашите спортски идоли, центар кој ќе биде гордост на охриѓани и на целата држава. Со носењето на идејниот план за изгледот на СРЦ „Билјанини Извори“ Локалната самоуправа ќе го направи првиот чекор, чекор кој ќе повлечи сериозен интерес од сите спортски работници и спортски федерации за реализацијата на истиот. Државата со изградбата на затворениот базен на дело ќе го покажи својот интерес на ред сме сите ние во наредниот период да се мобилизираме секој во својот домен да се обидеме дел по дел овој мозаик од идната спортска инфраструктура да го комплетираме и Охрид и Македонија да го добијат насовремениот спортски центар на Балканот.

Последна промена: 17 Mar 2014 во 12:09 PM

Назад
 

Јули 2017
ПВСЧПСН
     1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31